Unlimited Powerpoint templates, graphics, videos & courses! Unlimited asset downloads! From $16.50/m
Advertisement
  1. Business
  2. Careers
Business

Како да прифатите конструктивна критика како професионалец

by
Length:MediumLanguages:

Macedonian (Македонски јазик) translation by iva vukchevikj (you can also view the original English article)

Да погодам, не сакате кога луѓето ве критикуваат? Без разлика дали станува збор за вашиот шеф, вашите колеги или пријатели, кртитиките болат. Факт е дека другите луѓе подобро ги забележуваат вашите мани, па затоа e важно да научите како да ги прифатите критиките ако сакате да напреднете во вашата работа.

Accepting criticism
Прифаќањето конструктивни критики може да биде предизвик, но исто така може и да ви помогне да напреднете. (Извор на слика: Envato Elements)

Ако сте како повеќето од нас, вие не знаете како да прифатите критики—дури и конструктивно критикување. Во овој туторијал, ќе научите како добро да ги прифатите конструктивните критики и како да ги употребите за да се подобрите себеси.

Конструктивна критика против деструктивна критика

Што е всушност конструктивна критика? Што се квалификува како конструктивно, и дали вреди да му се обрне внимание на ова? Разликата е во содржината и испораката на повратните информации.

Иако двата вида на критики можат да ја повредат вашата самодоверба поради начинот на кој ги предизвикуваат вашите вештини или карактер, деструктивните критики се најчесто лични напади. Тие се понекогаш намерни, а некогаш се само резултат на недостаток на такт. Без разлика на причината, ќе знаете дека е деструктивна критика само ако ги посочува вашите мани. Конструктивната критика содржи предлози за како да се подобрите.

Проблемот со оценувањето на вработените и типични корпорациски повратни информации

Оценувањето на изведбата треба да биде добра можност да слушнете што вашиот менаџер мисли за вашата работа. Историски гледано, истражувањето објавено на Кембриџ Јуниверсити Прес сугерира дека тоа е како еден  административен ритуал помешан со непријатни разговори, каде што и двете страни се плашат да го кажат она што го мислат. Многу менаџери ги оценуваат своите вработени или како „просечни“ или „над просечни“ за да задржат статус кво. Ова го прават за да:

  • Ги спречат да не се демотивираат
  • Најдобрите изведувачи да не станат самозадоволни
  • Избегнат потенцијално непријатни прашања од вработените кои може да прашаат што сториле за да заслужат толку лоши оцени.

Вработените се исто толку виновни како и системот. Дури и кога сте соочени со конструктивни критики од легитимен извор (т.е. вашиот менаџер), вработените употребуваат различни стратегии за да ја одвратат вината, како што се:

  • Критикување на изворот или некој друг за нивните мани да изгледаат помалку ужасни во споредба
  • Одвраќање на тежината или вредноста на критиките со тоа што ги истакнуваат своите предности (на пр. „Не е важно што понекогаш сум груб со муштериите, бидејќи продавам повеќе од другите соиграчи“)
  • Дискредитирање на изворот на критиката
  • Карање за пресудата на критичарот.

Но, има начин како да се избегне ваквиот негативен поврат на информации, пишува Роберт Неш, предавач и психолог на Универзитетот Астон, „Се чувствуваме лошо ако не успееме да ги достигнеме нашите цели.“

Па штом и неуспехот ќе направи да се чувствувате лошо, зарем не е подобро да се соочите со критиките ако тоа ве однесе чекор поблиску до вашите професионални цели?

Како да прифатите професионални конструктивни критики

1. Игнорирајте ја вашата прва реакција

Немојте веднаш да почнете да се браните себеси штом лицето кое ве критикува престане за да земе здив. Тоа само прави да изгледате одбранбено и неспособни да се справите со негативните повратни информации. Препуштајќи се на вашиот бес или потребата да се оправдате себеси исто така ве спречува објективно да прифатите критики, па затоа вдишете длабоко и следете ги другите чекори подолу.

Освен тоа, оној што ве критикува ќе го почувствува ова, па поради тоа ќе се двоуми дали да продолжи со тоа што ви го кажува. Можеби сте се спасиле од неколку секунди болка, но исто така сте ја пропуштиле можноста за подобрување.

2. Бидете внимателни со изразите на вашето лице и говорот на телото

Обидете се да не ги превртите очите, прекрстите рацете или намуртите кога ве критикуваат. Да, вашата канцеларија е професионална средина, но тоа не ги спречува вашиот менаџер и колегите да ги забележат вашите емоционални знаци. Негативните изрази на лицето и говорот на телото сугерираат дека вие не сте заинтересирани во она што го слушате или дека сакате да го прекинете разговорот. Ниту една од нив не добра идеја ако сакате да слушнете што другите навистина мислат за вас.

3. Земете го предвид изворот

Критиката од менаџерот кој не ви се допаѓа сепак може да биде легитимна или корисна, исто како што повратните информации од доверливите колеги може да не бидат искрени. Секогаш земете го предвид изворот на критиката и нивните мотиви.

4. Не сфаќајте го тоа како навреда

Не го сфаќајте тоа лично. Конструктивните критики се само нечие набљудување на вашата работа и вештини во професионална средина—никој не вели дека вие сте лоша личност. Ако кажале нешто во таа смисла, тоа повеќе не се смета за конструктивна критика, па едноставно игнорирајте го.

Но се додека повратните информации се за вашата работа, како што е квалитетот на вашата работа или начинот на кој ја извршувате, треба да сфатите дека лицето има добра намера за да ви помогне да се подобрите. Прифатете го тоа грациозно.

Обидете се да не заплачете без разлика колку е болна критиката, бидејќи нема враќање од тоа. Ќе ви биде срам повторно да се соочите со таа личност, и може да бидете обележани како „премногу чувствителни.“ Кога ќе се случи тоа, добри се шансите дека никој во вашата канцеларија повторно нема да биде 100% искрен за вашата работа.

5. Откријте зошто сте почнале да се браните

Сега кога сте смирени, време е да испитате зошто всушност сте станале толку одбранбени или вознемирени.

Што мислите дека ја предизвикала вашата првична реакција? За некои луѓе, тоа е гордоста, а за други, тоа е само срамот што биле критикувани. Која е вашата причина?

Ако не знаете што ве предизвикало, убаво размислете додека не откриете. Бидејќи вашиот одговор на тоа прашање е клучот за избегнување на сите негативни емоции кои ја попречуваат вашата проценка, и со тоа го одложуваат вашиот раст.

Свеста е од клучно значење за контролирање на негативните емоции. Па откако ќе дознаете што ве предизвикало, можете да го употребите следниот пат кога некој ве критикува и вашите емоции ќе ја надвладеат вашата логика. Кажете си себеси дека што и да чувствувате е само инстиктивна реакција поради вашата (гордост, срам, страв од одбивање, итн.).

6. Слушајте за да разберете

Откако ќе се соземете, време е да преземете контрола врз вашите бурни мисли. На што прво помислувате кога некој ве критикува? Тоа е веројатно една од овие работи:

  • Јас не го кажав/направив тоа.
  • Лесно му е на него да каже, тој не знае колку е тешко да...
  • Всушност, тоа не е она што ми кажавте да направам, па...
  • Никој не ми кажа за тоа, па не е моја грешка.
  • Вие требаше...
  • Го сторив ова бидејќи...
  • Ова е правилниот начин да се направи тоа, бидејќи...

Вие навидум може не се браните себеси, но вие не ни слушате внимателно. Вие само слушате за да создадете одговор кој ја надминува изјавата на вашиот критичар. За да го спречите ова, обидете се да го слушате она што ви го вели лицето, збор по збор. Запомнете го она што го кажуваат за да можете да им го повторите со ваши зборови. Тоа го свртува целото внимание на вашиот мозок на другата личност, и како бонус, дополнително потврдува дека ги разбирате повратните информации од гледната точка на другата личност. Следниве упатства можат да ви помогнат да ги подобрите вашите и комуникациските вештини на работа на вашиот шеф.

7. Сфатете дека давањето повратни информации е непријатно и за другото лице

Многумина менаџери, и секако, поголемиот дел од вашите колеги не се обучени како правилно да дадат повратни информации. Дури и ако се, тоа не им ја олеснува работата. Звучи чудно, но полесно е да викаме отколку да дадеме валидна критика поврзана со работата која вклучува предлог за подобрување.

Разгледајте ги следните примери, кој мислите дека е полесно да му го кажете на некој кој погрешил?

„Ти си лош уредник за видеозаписи“

„Последниот видеозапис кој го уреди изгледа како копија на нашиот главен конкурент. Те молам следниот пат најди повеќе извори на инспирација за твојата работа да не изгледа на копија.“

Во моментот, лесно е да се каже првата изјава. Дури и кога вашиот менаџер е смирен, можноста дека вие можете да изреагирате негативно е доволна за да направи тие да се чувствуваат неудобно. Тие само очекуваат да останете професионални. Тие исто така се надеваат дека знаете дека од нив се бара да ви дадат повратни информации, бидејќи од тоа зависи и нивната работа.

Разберете го шефот следниот пат кога ве критикува, и вие се чувствувате вознемирено. Вие не сте совршени, но не се ни тие, а фактот дека тие зеле време за да ги посочат вашите грешки покажува дека тие се грижат за вашата кариера.

Како да ги искористите конструктивни критики за да се подобрите себеси

Претходно го научивте процесот за како да останете смирени додека добивате конструктивни критики. Сега е време да научите како да ги употребите тие повратни информации за вашиот професионален раст. Сепак, која е целта на прифаќање на навредливите зборови на луѓето, ако не можете да ги искористите?

1. Престанете да ги сметате грешките за неуспеси

Немојте да ги сметате вашите грешки за неуспеси, бидејќи тоа може да биде една од причините зошто станувате одбранбени кога некој ќе ви посочи грешка. Правењето грешка значи дека сте човек и дека сѐ уште имате многу да научите за вашата работа. Секоја грешка е само лекција која треба да се научи, а не знак дека вие сте целоснен неуспех.

Запомнете дека секој започнува како почетник и дека истите луѓе кои ве критикуваат поминале низ истото. Затоа, само прифатете дека има уште многу што треба да научите, без разлика на вашата позиција на корпоративната скала.

2. Побарајте да бидат поспецифични

Не прифаќајте вина за сѐ она што не го разбирате. Кој знае, можеби вие сте оној што е критикуван, но вие можете воопшто да не бидете виновни за тоа. Не секогаш е така, но никогаш не е лоша идеја да се разјаснат специфиите на жалбата.

Прашајте што точно сте направиле погрешно, што го прави тоа лошо, и како би сакале да го сторите тоа следниот пат. Исто така, можете да прашате дали тоа е изолиран инцидент, или дали сте ја повториле истата грешка за да видите дали ова е повторливо однесување или само еднократно промашување.

3. Побарајте второ мислење

Конструктивната критика не е ограничена на квалитетот или точноста на вашата работа. Понекогаш, станува збор за начинот на кој ја извршувате работата или како се поврзувате со другите во вашата канцеларија. Во двата случаи, критиката ќе биде субјективна. На пример, некои луѓе можеби ќе ја ценат вашата искреност, но други можеби ќе мислат дека сте груби или нетактични. Во оваа ситуација, подобро е да побарате второ мислење или пак повеќе мислења.

Побарајте го мислењето на некој што ќе може да ви даде непристрасно мислење за вас. Ако имате време, обидете се да прашате барем пет лица за да добиете подобар консензус за она што го мислат другите.

4. Дефинирајте го вашиот план

До сега знаете дали критиката е заслужна и што можете да направите за да се подобрите себеси. Вашиот следен чекор е да создадете план за решавање на проблемот за да можете да научите од него и да не бидете повторно критикувани во иднина.

Создавањето план за соочување со областите за ваше подобрување не мора да биде комплицирано. Следете ги чекорите подолу:

  • Што не беше во ред? (Грешка)
  • Зошто воопшто се случи? (Предизвикувач)
  • Најдете начин да го избегнете предизвикувањето
  • Откријте што сте требале да сторите наместо тоа и направете го. (Правилна постапка)

5. Проследете

Испратете е-пошта заблагодарувајќи ѝ се на личноста која ви дала повратни информации, објаснувајќи им го вашиот план за како да ја одбегнете истата грешка во иднината. Ако вашиот менаџер е оној кој ви дал повратни информации, вклучете и барање за состанок за да разговарате за вашето подобрување. Ова можеби ви звучи како премногу, но ова е најдобриот начин да покажете дека сте посветени на подобрување на себе.

Научете кога да се откажете

Доколку не е специфична работна процедура, полиса на компанијата, или не се работи за разумно добро однесување, не сте обврзани да ги прифатите сите совети кои ќе ги добиете. Запомнете, конструктивните критики се набљудувања и предлози на другите луѓе за тоа како можете да се подобрите. Но тие предлози се основани на нивното искуство, и постојат моменти кога нивното искуство се разликува од вашето. Понекогаш, нивните предлози може да бидат неприменливи за вас, па најдобро што можете да сторите е да признаете дека имате шанса да се подобрите, а потоа најдете свој начин за да го сторите тоа.

Не дозволувајте оптоварувањето од претходните неуспеси да ве повлече надолу. Оптоварувајќи се себеси со сите работи кои сте можеле да ги сторите подобро претходно е губење време и енергија. Подобро е да ја пренасочите таа енергија кон учење на нови работи и работење на други цели.

Advertisement
Advertisement
Looking for something to help kick start your next project?
Envato Market has a range of items for sale to help get you started.