Macedonian (Македонски јазик) translation by Daniela Dimovska (you can also view the original English article)
Кој е најдобриот начин да бидете во тек со нова апликација? Кога првпат ќе ја отворите Microsoft PowerPoint, веднаш ќе забележите дека има многу функционалности и алатки, па може да ве обземе чувство дека не знаете од каде да почнете.
Во ова упатство ќе ви помогнам да започнете да работите во Microsoft PowerPoint. Исто така, ќе опфатиме и некои од најдобрите вештини во оваа апликација за да се осигураме дека постапувате на лесен начин.
Водич за правење одлични презентации (Преземете бесплатна е-книга)
Пред да продолжите да читате, преземете ја нашата бесплатна е-книга: Целосен водич за правење одлични презентации. Ќе ви помогне да го усовршите процесот за создавање презентација, почнувајќи од почетната идеја, па сè до пишување, дизајн и ефективно презентирање.

Што е PowerPoint?
Microsoft PowerPoint е несомнено најпопуларната апликација за правење презентации. Веројатно знаете дека PowerPoint презентации се користат насекаде, почнувајќи од најголемите светски компании, па сè до одделенски наставници што споделуваат лекции.
Честопати PowerPoint не се сфаќа сериозно. Многумина го осудуваат како досаден и како потпора на недоволно подготвени говорници.
Само лош мајстор ги обвинува алатите. Како секоја алатка, така и PowerPoint e неверојатно корисна, ако се употребува правилно. Можете да ја користите како помош за вашите говорнички ангажмани за да создадете удобност и на публиката да ѝ ги претставите идеите визуелно.

Во ова упатство ќе се фокусираме на работењето во PowerPoint при правење презентација. За да ја совладаме апликацијата, ќе зборуваме и ќе ги опфатиме најопштите чекори што треба да ги знае секој нов корисник.
Ова се клучните постапки што треба да ги направите за да создадете PowerPoint презентација:
- Треба да додадете слајдови, поединечни страници во презентацијата.
- Да додадете содржина на слајдовите, како на пример кутии со текст, слики, табели и графикони.
- Да менувате теми и стилови за презентацијата да изгледа професионално и да одговара на пригодата.
- Да подготвите помалага за презентацијата, како на пример белешки за говорници (Speaker Notes) или презентерски приказ (Presenter View), кои ќе ви помогнат да се чувствувате сигурно додека презентирате.
Сите овие чекори ќе ги опфатиме во ова упатство за PowerPoint, така што веднаш ќе можете да започнете да работите.
Како да работите во PowerPoint
За да бидете ефикасни во PowerPoint, од голема помош е да го разберете нејзиниот распоред. Да ги поминеме клучните опции од менито за да можете брзо да ја научите оваа апликација. Ако разберете каков е распоредот на апликацијата, веројатно веднаш ќе ја пронајдете секоја функционалност што ви е потребна.
Да ги погледнеме клучните делови од интерфејсот на PowerPoint.
1. Лента
Менито со лентата се наоѓа во многу апликации на Microsoft, како што се Word, Excel и PowerPoint. Поставена е над главната работна површина на апликацијата.

Лентата содржи серија јазичиња помеѓу кои може да се избира. Секое од нив има уникатен збир алатки со кои можете различно да работите на презентацијата. Кога ги менувате јазичињата од лентата, ќе забележите нови копчиња и опции за модифицирање на презентацијата:
- File – зачувајте ја, споделете ја и пренесете ја презентацијата.
- Home – колекција на најопштите алатки за основни цели што ќе ги користите во PowerPoint.
- Insert – сè-во-едно алатка за да додадете секаков вид содржина што може да се замисли, како табели, слики, дијаграми, видео и др.
- Design – уредете го целокупниот изглед и впечатливоста на презентацијата со тема и поставувања за стилот.
- Transitions – додадете анимации при промена на слајдовите.
- Animations – прилагодете го редот и стилот со којшто објектите ќе се појавуваат или ќе исчезнуваат од слајдот.
- Slide Show – поставувања поврзани со тоа како изгледа презентацијата кога ја споделувате со публиката.
Откако го разбравте распоредот, знаете како да стигнете до функционалноста што ви е потребна. Сега подетално да навлеземе во тоа како може да ги користите овие клучни јазичиња.
2. Јазиче Home
Се користи за: општ избор на најпопуларните алатки во PowerPoint.
Кога работам во PowerPoint, вообичаено се задржувам на јазичето Home бидејќи ја има скоро секоја алатка што ми е потребна. Од додавање на нов слајд до менување на поставувања за текст и пасус, јазичето Home е стандарден избор кај повеќето корисници.

3. Јазиче Insert
Ако додавате содржина на слајдот, јазичето Insert ја има секоја можна алатка за тоа. Изберете еден од овие видови објекти за да ги додадете на слајдот.

4. Јазиче View
PowerPoint има мноштво прикази, кои едноставно се различни начини да работите на истата презентација. Можете да го промените приказот со цел да добиете различна перспектива на содржината.
Користете ги приказите за да ја создадете и да ја уредувате PowerPoint презентацијата на различни начини.

На кадарот на екранот подолу можете да воочите разлика помеѓу стандардниот приказ Normal и приказот Slide Sorter. Приказот Normal го покажува секој слајд од напред и во центар, додека пак приказот Slide Sorter создава сликички што можете да ги повлечете па да ги спуштите за да ја преуредите презентацијата.

5. Јазиче Design
Примамлива презентација навистина може да ѝ го привлече вниманието на публиката. Употребуваме теми и стилови во PowerPoint за да ѝ додадеме визуелна привлечност на презентацијата, а јазичето Design ги контролира овие поставувања.

Во јазичето Design можете да кликнете на една од темите за да ја редизајнирате презентацијата. Пробајте и различен стил за да ја промените бојата на темата.
Чекори за создавање презентација во PowerPoint
Се справивме со интерфејсот на PowerPoint, така што можете да бидете прилично сигурни за тоа како да работите во апликацијата. А сега да позборуваме за постапките што често ќе ги користите и начинот на нивна употреба во PowerPoint.
1. Како да додадете слајдови
Замислете ги слајдовите како посебни единици во презентацијата на кои можете да внесете содржина. За да внесете нов слајд, одете на јазичето Insert во лентата на PowerPoint. Потоа, кликнете на копчето New Slide за да додадете нов слајд.

Секоја од сликичките што ќе ги видите на страничната лента претставува слајд. Потоа, можете да додадете содржина на секој слајд.
Не постои практичен лимит за бројот на слајдови што може да ги содржи PowerPoint датотеката. Сепак, треба да размислите колку слајдови ви се доволни за да се искажете.
2. Како да внесете содржина
Содржина е она што го дефинира секој еден слајд. PowerPoint нуди широк спектар на содржини како текст, графикони, табели, дијаграми и др.
Најлесен начин да внесете содржина е да го изберете полето Layout, кое ќе го најдете во јазичето Home.

Овие распореди имаат кутии на кои може лесно да се внесе содржина. Едноставно изберете распоред и започнете со внесување на содржината.
3. Како да изберете тема и стил
Откако ќе ја внесете содржината во презентацијата, одлична идеја е да додадете визуелен стил. За таа цел, треба да го отворите јазичето Design и да кликнете на една од сликичките за теми.

Користењето на тема во PowerPoint е претпочитан избор за додавање на позадини, боја и видови стил на секој слајд. Вообичаено, менувањето на темата истовремено ја приспособува и целата презентација. Ова во голема мера заштедува време при правењето на презентацијата.
Со само овие три чекори добивате повторлива секвенца на постапки што се потребни за да се создаде презентација.
Како да го зајакнете PowerPoint
Со секоја креативна апликација што сум ја научил, секогаш постојат трикови од занаетот што се учат дури по неколку месеци. Посакувате да ги знаевте цело време и мислите на многуте часови што сте ги потрошиле учејќи.
PowerPoint не е исклучок од ова правило и е особено значајно да се фокусирате на најважното кога брзате да ја подготвите презентацијата.
Најдобар начин за заштеда на време при подготвувањето на презентацијата е да започнете со PowerPoint тема што служи како шаблон, а можете да ја пронајдете на Envato Elements, кој е неограничен сервис за преземање, наменет за креативци.

Повеќето од датотеките што ќе ги преземете од темите на Elements PPTX ќе изгледаат како готови презентации. Можеби се прашувате како да ги користите за ваши потреби овие презентации што служат како шаблони.
При користењето на темите на Elements, сè се сведува на дизајнот на слајдовите што ќе го употребувате. Тема со доплата содржи идеи што едноставно можете да ги користите како основа на којашто можете да додадете ваша содржина.

Предноста на Elements е тоа што можете да преземате онолку датотеки колку што сакате додека сте претплатник. А и да не сте повеќе претплатник, сè уште ќе имате право да ги користите креативните средства што сте ги презеле. Многу е полесно отколку да го создавате секој слајд од почеток.
Алатки за презентери
Содржината и дизајнот ќе се разликуваат многу од една до друга презентација. Меѓутоа, без разлика која е целта на презентацијата, постојат општи алатки од коишто секој презентер може да има корист.
Во ова упатство за PowerPoint ќе се фокусираме на најкорисните алатки за говорници. Секогаш ги споменувам овие алатки како начин за изградба на самодоверба и сигурност кај презентерите.
1. Белешки за говорници (Speaker Notes)
Заборавете на пишување на картички за белешки или користење на печатено резиме. Белешките за говорници помагаат да го додадете она што е потребно на секој слајд.
Белешките за говорници се додаваат на секој поединечен слајд и најдобро е да ги додадете на приказот Normal. Кликнете на Notes под работната површина на презентацијата и внесете ги белешките кон секој слајд.
Белешките за говорници ќе се прикажат како печатени копии од презентацијата, така што е полесно да ги напишете во PowerPoint наместо да ги запишувате на картички што може да ги изгубите.
2. Презентерски приказ (Presenter View)
Друга функционалност што би било добро да ја користите е презентерскиот приказ, кој е идеален за прикажување на презентацијата на два екрана додека презентирате. Додека публиката ја гледа презентацијата на проектор или LCD екран, вие ќе имате ваш приказ со белешки, слајдови што следат и др.
За да го вклучите презентерскиот приказ кликнете на Use Presenter View.

Разгледајте го и целосниот водич подолу за да дознаете повеќе за презентерскиот приказ.
3. Проверка на правописот и граматиката
Нема ништо полошо од печатни грешки во презентацијата. За да ги избегнете, проверката на правописот и граматиката ќе ви биде од голема помош пред да ја претставите презентацијата.
За проверка на чести правописни грешки, едноставно изберете го јазичето Review и кликнете на Spelling. PowerPoint ќе провери дали имате грешки и ќе ви овозможи да ги поправите.
Да резимираме и да продолжиме да учиме
Ова упатство за PowerPoint ви помогна успешно да започнете со користење на Microsoft PowerPoint, да се запознаете со чекорите за создавање слајдови и да го дознаете краткиот пат до подобра презентација со помош на темите што служат како шаблони.
На Tuts+ направивме серија од упатства за PowerPoint што ќе ви помогнат да стекнете презентерски вештини. Ако се чувствувате напнато при одржување на презентации за вашата работа или вашите хонорарни ангажмани, погледнете ги и следниве упатства дадени подолу.
- Microsoft PowerPointWhat Is Microsoft PowerPoint? How to Start Using It (Now)Andrew Childress
- Microsoft PowerPointHow to Make Animated PowerPoint Presentations With TemplatesAndrew Childress
- Microsoft PowerPointHow to Make an “Any Questions” Final PowerPoint Slide (PPT)Andrew Childress
Ви треба помош? Преземете ја нашата одлична е-книга за презентации (бесплатно).
Повеќе информации можете да најдете во нашата нова е-книга за правење одлични презентации. Преземете ја оваа е-книга во PDF сега бесплатно со претплата на Tuts+ Business Newsletter.

Ќе ви помогне да го усовршите процесот на презентација, од почетни креативни идеи, па сè до пишување, дизајн и ефективно презентирање.
Кои прашања ги имате за користењето на PowerPoint? Зошто сте ја избрале оваа апликација или на пример Keynote? Напишете ми во делот за коментари подолу.
Subscribe below and we’ll send you a weekly email summary of all new Business tutorials. Never miss out on learning about the next big thing.
Update me weeklyEnvato Tuts+ tutorials are translated into other languages by our community members—you can be involved too!
Translate this post